Неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, која победи на парламентарните избори, најавија дека наскоро би можел да биде постигнат договор за нова Влада.
Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, синоќа изјави дека се блиску до конечен договор со Вреди, но не објави детали.
-Местото на ДУИ е во опозиција. Блиску сме до договор со Вреди, не можам да кажувам детали, но извесно е дека сме блиску до конечен одговор. До крајот на јуни ќе има нова влада – рече Муцунски.
Дека до крајот на јуни ќе се состави новиот владин кабинет вчера објави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој на социјалните мрежи напиша дека е можно нова влада да има до 20 јуни, но и дека е можно и коалицијата ЗНАМ да влезе во владиниот состав.
За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав, каде најмногу пратеници ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ ќе има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, а Левица и ЗНАМ по шест пратеници.
Околку бројот на пратеници во Собранието, Муцунски изјави дека е извесно оти тие ќе имаат повеќе од 70 пратеници и дека постои можност владината коалиција да има и 80 пратеници, но оти во следниве денови ќе се види како ќе изгледа тоа.