Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска посочи дека екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски е прашање за судските органи, но останува на ставот дека поранешниот премиер треба да биде во земјава и тука да се соочи со правдата, затоа што не е во интерес на ниту една држава премиер да биде во егзил.
-Прашањето за екстрадицијата на поранешниот премиер не е прашање на надворешно политичка комуникација, туку е прашање на судските органи и на министерствата за правда кои што си комуницираат во тој дел. Јас останувам на ставот дека поранешниот премиер треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата тука, затоа што не е во интерес на ниту една држава премиер да биде во егзил, рече Османи на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, во одговор на новинарско прашање.
Во однос на ова прашање, Сијарто на прес-конференцијата посочи дека унгарското Министерство за надворешни работи не може да се меша во работата на тамошното правосудство.
-Тоа не е прашање на надворешната политика. Ние не можеме да се мешаме во судските постапки и затоа не зборувавме за тоа конкретно прашање на денешниот состанок – одговори Сијарто.