Министерството за образование и наука информира дека испитниот материјал за полагање на државната матура во учебната 2022-2023 е соодветен на случувањата во училиштата, во целиот изминат период на образование на оваа генерација матуранти.
Испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради пандемијата и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование.
Олеснителна можност беше дадена и пред две години, кога се одлучи наместо три екстерни и еден интерен предмет, матурантите да полагаат два екстерни и два интерни предмети, концепт по кој полагаат и годинешните матуранти.
Датумите за полагање на испитите се дефинирани во Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022-2023 година и учениците имаат доволно време да се потсетат на тоа што веќе е поминато и научено.
Министерството за образование и наука го цени мислењето на средношколците и затоа тие се дел од креирањето на образовните политики. Во таа насока, денеска на барање Организациіа за дијалог и афирмација на средношколците и студентите ОДАС, беше одржана средба во чиј фокус беа подготвителните активности за организирање на процесот на полагање државна матура во учебната 2022-2023 година.
Исто така МОН во наредниот период ќе организира состаноци и со Сојузот на средношколци како и други засегнати институции во овој процес.
– Двете страни се согласни дека државната матура е важен процес, затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на високообразовна установа. Полагањето ќе се одржи, без притоа ниту еден ученик да биде оштетен по било кој основ – соопшти МОН.
Од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), пак, информираат дека на денешната средба со претставниците на МОН ги истакнале барањата за државната матура.
– На денешната средба со Министерството за образование и наука разговаравме за проблемите и предизвиците со кои средношколците се соочуваа изминативе четири години и ги истакнавме барањата на средношколците околу државната матура. Главното барање е кратење на материјалот предвиден за полагање на државната матура поради онлајн наставата, дојавите за бомби, изгубената настава и дупките во знаењето. Успеавме да издејствуваме училиштата да мораат оваа година да им достават на учениците банки со прашања за полагање интерните предмети – се вели во соопштението од ОДАС.
Тие велат оти им било кажано дека материјалот веќе е скратен, но и дека не добиле целосен увид во начинот на кратењето.
– Од друга страна, ни беше кажано дека материјалот е веќе скратен, но не добивме целосен увид во тоа колку и кој материјал е скратен. Тоа што го забележавме беше дека скратениот материјал по мајчин јазик (македонски) е речиси идентичен со тој од минатогодишната матура – нагласуваат претставниците на средношколците.
Продолжуваме да го следиме процесот и да работиме на заложбата за подобро образование, и ќе информираме за сите следни чекори по извршување на разговори со средношколците, заклучуваат од ОДАС.