Фото: МИА

Уште девет наши државјани го напуштија Израел, преку различни транспортни рути, и тоа: четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград. Заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 наши државјани што го напуштија Израел.

Министерството за надворешни работи соопшти дека дваесет пријавени граѓани од пограничните региони, кои се сметаа за безбедносно – ризични, утрово се префрлени на безбедна локација во Тел Авив, од каде ќе се работи на нивно заминување од Израел.

– За жал, неколку од летовите за кои веќе беше обезбедено место дел од нашите државјани да го напуштат Израел во текот на вчерашниот ден беа откажани, па активностите за нивно приклучување во некои од денешните летови продолжува денеска. Амбасадата на Македонија во Тел Авив е во постојана комуникација со сите нашите државјани во Израел и во координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни. Точната бројка на наши државјани кои се пријавиле за асистенција за нивно заминување од Израел постојано се менува, но во моментов, таа не надминува 100 наши државјани – се посочува во соопштението од МНР.

Во меѓувреме, МНР апелира до нашите државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаеви (www.oref.org.il), односно тн. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.

Потсетуваат дека Министерството за надворешни работи на Македонија на располагање ги има и двата СОС дежурни телефони – 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.