Фото: МИА

Лозари денеска го блокираа патот Кавадарци – Неготино, кај месноста „Ило Виларов”, барајќи подобри услови за лозаропроизводство. Тие рекоа дека преку мирен протест бараат да се слушне нивниот глас и да ја изразат својата разочараност, од, како што рекоа, лошата гроздоберска сезона.

Се пропуштаат итните случаеви. Полицијата е присутна на лице место, а сите што тргнале во овој дел на државата, се пренасочуваат да се движат преку Росоман.

– Поради ниската откупна цена на винското грозје, берба 2023, бараме интервентна мерка од пет денари по килограм грозје помош од државата за откупеното грозје, продадено во винарија или откупен пункт. Исплата на субвенциите за одржување на лозов насад по старо, 40.000 денари до хектар и 48.000 денари над хектар. Прогласување на елементарна непогода од болеста пламеница, која беше предизвикана од постојаните врнежи на дожд во месеците мај и јуни, со што родот е намален за повеќе од 50 проценти, бараме обесштетување од државата, соопштија лозарите на протестот.

Рекоа дека не се задоволни со цените за килограм грозје бидејќи тие не ги покривале ниту нивните производствени трошоци. Тие додадоа дека само со подобри услови, ќе се задржи лозаропроизводството.

На блокадата беше кажано дека се бара и повлекување на одлуката за задолжително осигурување на земјоделски култури, исплата на средствата за елементарна непогода од суша за 2021 година за лозарите и овоштарите и исплата на средствата за елементарна непогода од невреме град, во неготинскиот регион за 2022 година.


МЗШВ: Ниту еден лозар нема да биде оставен сам

Како министерство сите овие години во дело сме докажале дека сме искрен партнер на лозарите. Дека се грижиме и даване поддршка за секој еден земјоделец. При бербата и откупот на грозјето, како и секоја година, така и оваа бевме во постојана комуникација и координација со подсекторската група за вино и грозје, следејќи ја бербата, откупот и цената по која се откупува, соопштија од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во однос на денешниот протест на група лозари.

– Оваа година поради климатските промени, честите дождови и појавата на болести, имаме послаб род кај лозарите. Ова пак од друга страна допринесува оваа година винариите да се борат за грозје, по цена која е прифатлива за лозарите. Како министерство и оваа година лозарите не ги оставаме сами – се вели во соопштението.

Уште при бербата министерот Љупчо Николовски од Неготино ја најави мерката за поддршка на сите лозари, која како предлог се дава до подсекторската група за вино и грозје.

Со оваа мерка се дава поддршка на лозарите за произведено винско, но и за прв пат, со поддршка и за прозиведено трпезно грозје од најмалку 12.000 денари по хектар. Мерка која ја предлагаме дава двојно поголема поддршка од онаа која лозарите од протестот ја упатуваат како барање за 2 денари по килограм. Мерката која ја предлагаме за прв пат ги опфаќа сите лозаропроизводители.

Веднаш по завршување на бербата, добивајќи ги точните бројки, до Владата на усвојување ќе ја предложиме мерката. Заедно и овој предизвик ќе го поминеме.

Лозарите до крајот на годината, покрај оваа допопнителна поддршка, добиваат и 12.000 денари, авансна исплата на 30% од субвенциите за тековната 2023 година, а остатокот од 28.000 денари, традиционално како и секоја година за празникот Св. Трифун.

Со новиот модел за субвенционорање, кој од оваа годона старуваше, за лозарите нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па затоа сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава, порачуваат од МЗШВ.