Фото: М.М.

Со едноминутен молк и звук на сирена за тревога, попладнево пред Клиничката болница во Битола се одржа третиот по ред протестен митинг поради смртта на новороденчето и шестгодишната Јана од село Кравари, Битолско. Учесниците на протестот порачаа звукот на сирената е последно предупредување за состојбите во битолската болница кои се алармантни.

– Сирената е вклучена, а вклучен е и алармот за битолската болница. Недозволиво е во 21. век со толку напредна медицина, на ваков начин да заминуваат нашите најмили. Со едноминутно молчење оддаваме почит за прераната смрт на сите дечиња што ја доживеале судбината на Јана. Оставката на досегашниот директор за нас ништо не значи, бидејќи тој сам изјави дека состојбата во болницата е очајна и затоа сметаме дека инспекцијата не треба да доаѓа само кога се случуваат трагедии, туку постојано. И покрај тоа што помина толку време од смртта на Јана, сѐ уште не се утврдени причините за смртта. Обдукцијата сѐ уште не е завршена, што ни дава за право да се сомневаме дека нешто не е во ред. Ние Јана не можеме да ја вратиме меѓу живите, но нема да се откажеме додека не се утврди вистината за нејзината смрт, бидејќи на тој начин ќе можеме да спасиме други невини животи, за да не ги снајде иста судбина – истакна Игор Петковски, претставник на организаторот на протестот.

Битолчани побараа јавно соопштување на причините за двете трагедии што се случија клиничката болница. М.М.