Фото: Пиксабеј

Украинското Министерство за надворешни работи денеска реагираше на снимките објавени на интернет, на кои e прикажано како руските сили егзекутираат украински заробеник.

„Армијата на руската федерација продолжува да врши ужасни воени злосторства во Украина. Вџашени сме од видеото кое се појави на 11 април на кое се гледа како руски војници егзекутираат украински заробеник. Позирајќи пред камерата, руските џелати со посебен цинизам му го одземаат животот на еден човек“, се наведува во реакцијата на украинското МНР, лиферувана преку Амбасадата на Украина во Скопје.

„Ова не е прв случај на флагрантен нехуман третман на украински заробеници од страна на руските војници. Илјадници случаи имаше во Буча, Ирпин, Гостомел, Бородјанка, Мариупол и други украински градови и села. Руската деферација намерно во Украина спроведува политика на тортура, физичко малтретирање, нехумано постапување, намерно нанесување на тешки страдања, сериозни телесни повреди и намерно убивање како на заробениот воен персонал, така и на цивили“, се вели во соопштението.

Украинското Министерство бара Канцеларијата на Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд „неодложно да обрне внимание на уште едно злосторство на руските војници во контекст на истражувањето воени злосторства и злосторства против човештвото извршени од граѓани на Русија на територијата на Украина“.

Оттаму порачуваат дека сите лица вклучени во злосторствата во Украина – како највисокото раководство на Русија, така и директните извршители – безусловно ќе бидат казнети.

Воедно, Украина ја повика и меѓународната заедница да преземе решителни и итни мерки за зголемување на помошта за Украина со цел „да се заштитат Украинците од рускиот геноцид и да се ослободат сите наши територии“.

Вчера на интернет се појави видео на кое се гледа како руски војници му ја отсекуваат главата на украински заробеник, при што рускиот војник со нож му го сече вратот на украински затвореник за да го обезглави.