Фото: Приватна архива

Македонско друштво „Илинден“-Тирана изразува незадоволство од Одлуката на Министерството за култура на Република Албанија според која не е прифатен единствениот проект предложен од Македонско друштво „Илинден“-Тирана.

-Имено, повикот за финансирање на проекти беше објавен од Министертвото за култура на Република Албанија на 25 јануари 2023 и траеше до 25 фебруари 2023 година. На повикот се јави Македонското друштво „Илинден” со свој предлог-проект кој целосно ги застапува интересите на македонското малцинство во Албанија. Македонците, во овој случај, реагираат за несовесен и крајно дискриминаторски однос на Министерството за култура кон македонско национално малциство во Република Албанија. Македонците се лојални граѓани и ги плаќаат сите даноци кон албанската држава, но пари за културни активности на лојалните граѓани со македонско етничко потекло од Република Албанија, нема – вели претседателот на Македонско друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.

Македонското друштво „Илинден” –Тирана реагира и поради фактот што смета дека и претставниците на малцинствата во Албанија треба да добијат финансиска поддршка од државната каса за реализирање на проекти од интерес, во случајов, на мaкедонско национално малциство во Република Албанија.

-Острата реакција на Македонците во однос на дискриминирачката Одлука на Министерството за култура на Албанија е предизвикана од потребата од финансиска поддршка за проектите кои се однесуваат на негување на традициите на Македонците во Република Албанија. Во овој случај, државата преку Министерството за култура покажува дека само декларативно се залага за почитување на правата на малцинствата кои живеат на нејзина територија – вели Ѓурѓај.