Софија: Бугарската нација вознемирена од безбедносните закани, исти какви што со месеци наназад имаше македонскиот народ / Фото: Игор Бансколиев

Балканскиот синдром на лажни дојави за поставени бомби се шири на исток

Синдромот на дојави за новопоставени бомби во јавни институции, а пред сѐ во училишта, кој го зафати речиси целиот Балкан, зема замав и во Бугарија. Тоа е појава што заслужува најостра осуда и наложува надлежните да преземат енергични мерки за нејзино расветлување и расчистување, бидејќи во вакви случаи најголеми жртви се децата. Не само што доаѓа до прекин на образовниот процес туку децата се соочуваат со опасност, бидејќи никогаш не се знае кој и како ги испраќа заканите со бомби и никогаш не може да се исклучи можноста некој со нарушен ум и да ја реализира заканата.
Во крајна линија, сериозно се загрозени човековите слободи и демократијата и затоа е неопходно да се најде брзо и ефикасно решение за овој проблем за да не добие непосакувани димензии. Може да се каже дека целата оваа серија закани во Бугарија започнаа во понеделникот кога се случи бран лажни дојави, по што над 50 училишта ја прекинаа наставата, а учениците итно беа евакуирани. Веќе наредниот ден, во вторникот, само во утринските часови имаше над 100 пријави за експлозивни направи во училишта во регионите Плевен, Сливен, Варна, Бургас и Софија, а мејловите со заканите се речиси идентични. Се разбира, според процедурата таквата ситуација наложи брза евакуација на учениците и вработените во училиштата, додека полициските службеници да ги завршат неопходните проверки.
Но она што внесе дополнителна грижа и нова доза страв и неизвесност беше фактот дека дојавите продолжија и во попладневните часови, и тоа повторно низ цела држава.
– Целата човечка раса ќе биде уништена. Ќе ве клекнеме на колена, во сите училишта во Софија има импровизирани експлозивни направи и наскоро ќе ве разнесат сите. Смрт на државата и на целото општество – е заканувачкиот текст испратен преку Џимејл, со потпис „телеграма: @flum23“, кој пристигна во повеќе основни и средни училишта во Софија, но и во Бургас и Варна.
Бугарските експерти за сајбер-безбедност, за тамошните телевизии истакнаа дека заканата најверојатно е на глобално ниво и не доаѓа од Бугарија.
– Е-поштата беше составена преку Гугл транслејт и испратена до повеќе примачи, не само во Бугарија туку и на голем број други адреси на училишта, кои најверојатно беа преземени од пробиени бази на податоци во текот на годините во Македонија, Грција, а веројатно и во други европски земји. Анализирајќи ја ситуацијата, се чини дека сум повеќе склон да верувам дека заканата не е реална, туку експертите за национална безбедност и закани со бомби треба да се изјаснат – изјави експертот за сајбер-безбедност Љубомир Тулев.

Во пресрет на парламентарните избори на 2 април, отворено е прашањето што ќе се случи доколку пристигне дојава за бомба на избирачко место, дали ќе се прекине гласачкиот процес, па техничкиот министер за внатрешни беше дециден дека изборниот процес ќе биде прекинат само доколку постои реална закана од таква закана. Проблемот добива на тежина ако се знае дека многу избирачки места се во образовните институции низ државата.
Се огласи и бугарскиот главен секретар на Министерството за внатрешни работи, Петар Тодоров, кој потенцираше дека „нема реална опасност“ во пресрет на изборите. Според него, вработени од генералната дирекција „Борба против организиран криминал“ со две партнерски служби работат на насоки за приведување лице инволвирано во заканите, а кое е надвор од територијата на Бугарија.
Треба да се истакне дека Бугарија и претходно, речиси истовремено кога и Македонија, беше постојана цел на хибридни напади, но главно беа опфатени софискиот аеродром, судовите и други институции, но не и училиштата.
Токму затоа, интересно е да се издвои мислењето на некои безбедносни експерти, кои во ваква ситуација споменуваат дека во правец на расчистување на проблемот бугарската полиција може да им се обрати за помош на своите македонски колеги.

Особено затоа што можат да се извлечат одредени паралели и совпаѓања во пораките, па пред безбедносните органи на двете земји се појавува предизвикот да соработуваат, заеднички да работат на проблеми што евидентно се присутни во регионот и бараат поширока акција со користење на сите расположливи потенцијали. Македонските безбедносни служби најавија дека се во поодмината фаза на истрагата, со сѐ поголем степен на веројатност за откривање на сторителите, па можеби би можеле во Софија да им презентираат поефикасен модел за откривање на сајбер-нападите. Имено, токму ваквите соработки, во контекст на реално добрососедство, би биле добар пример за меѓусебно уважување, почитување, соработка на две држави, на два соседни народи, кои имаат различни јазици, историја и култура, но имаат заеднички регионални проблеми: инфраструктурни, економски, безбедносни итн… за да можат да изградат нешто заедничко: европската иднина.