Фото: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ е новоформирана, но во себе ги содржи зрелоста, знаењето и традицијата кои треба да го водат ВМРО-ДПМНЕ низ сите бури и искушенија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Првата годишна конференција на Унијата на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ што попладнево се одржа во демирхисарското село Смилево.

На собирот насловен како „Чувајќи ја традицијата, создаваме иднина“, Мицкоски нагласи дека мудрост е да се слушнат „белите глави“, мудрите луѓе кои ги издржале најсилните удари на комунизмот и кои биле сведоци, современици, но и ороводци за самостојна, независна и суверена држава.

-Мудрост е да се имаат овие луѓе до себе и да се користи нивното животно и политичко искуство. Јас секогаш ќе се инспирирам од нивната несмалена енергија и желба за борба за нашата заедничка мајка Македонија. Би рекол татковска, искрена и пламенита љубов за светите букви ВМРО – истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на собирот во Смилево потсети дека негова била идејата за формирање на Унија на Ветерани која со новиот партиски Статут е реализирана.

-Нашата заложба е, чувајте ја традицијата – да ја градиме иднината. Традицијата е систем на вредности кои ги издржале најсилните удари врз темелите. А, дел од тие темели е славното Смилево, местото колевка на еден од најсилните македонски синови, еден од основачите на ВМРО и прв генерален секретар Дамјан Груев. Борбата за вредностите, слободата, сувереноста и татковината е еден синџир кој поврзува периоди, времиња, порази и победи, луѓе обединети, алка една во друга кои заедно формираат силен синџир кој ако опстои значи дека каузата била исправна и праведна – рече меѓудругото Мицкоски.

Пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ и гости на партискиот собир во Смилево, партискиот лидер Мицкоски порача дека време е за борба против неправдите.

-Пред такво искушение сме денес кога народот треба на референдум да одлучува дали е за или против Договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија – нагласи Мицкоски и побара максимална мобилизација на членството за успех на најавениот референдум што го иницира ВМРО-ДПМНЕ.

На собирот во Смилево претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика да се одржат тројни избори, односно референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори.