Христијан Мицкоски Фото: Маја Јаневска - Илиева

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ја коментира иницијативата за референдум на Левица, посочувајќи дека својот став ќе го каже откако таа ќе дојде во Парламентот.

-Нека дојде во Парламент, па ќе коментираме – рече Мицкоски.

За случувањата во ДУИ рече дека исто така не сака да ги коментира и да се меша во внатрешните работи на политичките партии.

-Тоа се нивни внатрешни работи. Јас само посакувам да имаме квалитетна политичка дебата со која Македонија оди напред, а граѓаните ќе имаат надеж дека ќе имаат убава иднина – рече Мицкоски.

Прашан за иницијативата Отворен Балкан и за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ кочи ратификаци на договори со Албанија и Србија, Мицкоски рече дека оваа иницијатива е долго време присутна во јавноста, но дека ниту претходниот премиер Зоран Заев ниту актуелниот Димитар Ковачевски не ја повика опозоцијата да ја информира за тоа што се случува и која е целта на Отворен Балкан.

– Кога ќе добиеме ние информација за тоа што е целта на иницијативата и што носи таа иницијатива, тогаш можеме да седнеме и да разговараме поконкретно за поддршка или за неподдршка. Ние сме сериозни луѓе и ако е тоа навистина сериозна иницијатива не можеме да дадеме поддршка априори туку навистина ни треба сериозно објаснување. Слушнав во едно објаснување дека тоа е за добрососедска соработка и јас често пати го поставувам прашањето на кој начин две од овие три земји кои што се на отворен Балкан граничат – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски денеска беше на средба со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелески.