Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека по излегувањето во јавност и по доставувањето на Предлогот за измена на Уставот до Собранието, драматично се влошува позицијата на Македонија и оти тоа ќе има влијание и во иднина. Сега, потенцира тој, единствен консензус што може да се направи со премиерот е за датум за избори.

-Драматично ја влошува после ова што излезе во јавноста позицијата на Македонија и во иднина овој предлог текст којшто се појави во јавноста и којшто е резултат на работата на некаква си уставна комисија која што работеше во рамките на Министерството за правда – изјави Мицкоски.

Според него, сега немало воопшто потреба да се излегува со предлог текст. На тој начин, смета тој, Владата направила трета грешка.

-Прво, треба јавноста да знае, а ние како политичка партија, тоа многу пати сме го повториле во минатото е дека воопшто сега немаше потреба предлог – текст да се појавува во јавноста, бидејќи првиот чекор за којшто се потребни 80 пратеника, е чекор во којшто се утврдува потребата за отворање на Уставот. И доколку нема двотретинско мнозинство и 80 пратеника, тука завршува. Доколку има двотретинско мнозинство тогаш веќе влегуваме во вториот чекор, каде што е потребно мнозинство од 61 пратеник и каде што веќе треба да се разговара по суштина односно по текстот на предлог – амандманите за промена на Уставот. Воопшто сега немаше потреба ова да се случува. На тој начин оваа Влада и Ковачевски и останатите, направија трета по ред суштинска грешка – рече Мицкоски кој беше на средба во Стопанската комора.

Првата суштинска грешка, како што вели, беше што за првпат на политичката сцена во Македонија, влегоа во процес во којшто немаат политички и општествен консензус, а тоа беше кога тајно договараа и преговараа со Бугарија и тогаш како резултат на тие тајни преговори и договори излезе францускиот т.н. предлог.

-Второ, што влегуваат во процес на прифаќање и покрај тоа што јасен беше ставот на најголемата политичка партија, и на огромното мнозинство граѓани дека тие немаат политички консенсуз и немаат општествен консензус. И сега трет случај е овој каде што без никаква потреба, без никаква потреба излегуваат во јавност со предлог – текст – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Појаснува дека според него Владата и премиерот Ковачевски излегле надвор од заклучоците на Советот и од преговарачката рамка.

-Каде во преговарачката рамка и во заклучоците на Советот стои дека треба вака и вака да изгледа предлог – текстот за измена на Уставот? Никаде – потенцира Мицкоски.

Тој вели дека не може да ги разбере претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, кои според него прават огромна историска штета на државата.

-Тие ми се неразбирливи. Јас толку луѓе да го мразат својот народ и својата држава до сега немам забележано. Толку да си го нејќат па таква историска штета да прават, јас до сега немам забележано на политичката сцена не само во Македонија, туку зборувам и пошироко. И влегуваат во процес во којшто знаат дека не можат да испорачаат но мислат дека на тој начин ќе се допаднат на некои надворешни фактори на влијание, и ќе останат ден, два, недела, две, месец, два повеќе на политичката сцена – рече Мицкоски.

За министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека не може да го обвини дека го разбира оти си гледа за своите лични и партиски интереси, пред се, а потоа и гледа да не биде погоден интересот на дел од албанскиот народ кои се наши сограѓани. Му порача да оди во околните земји и на повеќе од сто универзитети во светот и да го слушне јазикот што се зборува.

-И тука немам никакви забелешки, бидејќи тој јасно кажа дека македонскиот јазик е ограничен само на овие 25.000 квадратни километри односно денешната држава Македонија и дека никаде на друго место не постои дијалект. Би сакал да помине, бидејќи беше еднашка во Албанија и ги слушаше како зборуваат Македонците и во Подградец и во Пустец, да појде во Гора на Косово, да појде во Пиринскиот дел на Македонија, да отиде во северниот дел на Грција, Егејска Македонија, да отиде во јужниот дел на Србија, и да отиде на повеќе од сто универзитети во светот каде што има Катедра за македонски јазик, да слушне на каков јазик тие зборуваат – рече Мицкоски.

Зборувајќи за пилитиката на актуелната Влада, рече дека таа е „да бидеме дотерани на ѕид, како држава, како народ и тогаш да речат е нема тоа е тоа, сега одете видете со опозицијата и ние не можеме да испорачаме“.

-Затоа многу јасно сакам да кажам и да ставам до знаење, дека колку побргу оваа политика и овие политичари престанат да функционираат на македонската политичка сцена, толку побргу ќе излеземе од ова сивило и ќе имаме одредена предвидливост. Затоа што идната влада на ВМРО –ДПМНЕ, без разлика дали се работи за национално прашање, дали се работи за прашање во делот на економијата, даночна реформа или друг тип на прашање, никогаш нема да влезе во суштинска расправа без да има политички консензус, ако ете е тоа потребно и општествен консензус – рече Мицкоски.

На прашаето дали сега може да се постигне некаков консензус, претседателот на најголемата опозоциска партија рече дека сега е доцна за такво нешто.

-Со премиерот Ковачевски сега можеме да зборувам за еден консензус, а тоа е предвремени парламентарни избори. Се останато е дел од одговорот којшто го дадовме на претходното прашање на вашата колешка. До колку седнеме и разговараме тоа може да биде само да договориме дата за предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски.

За претседателот Пендаровски рече дека „коленичи“ за да добие втор мандат и да биде поддржан од СДСМ и ДУИ.

-Мисли дека на тој начин ќе биде повторно избран, што мислам дека му е погрешна проценка и само го губи својот образ и човечко достоинство. Но тој нека продолжи да коленичи нас ни е важно дека сме разбрани кај повеќе од 80 проценти кај граѓаните во Македонија. А дали Стево Пендаровски не разбира тоа е негов личен проблем. И можам да ви кажам дека воопшто не ми е гајле дали Стево Пендаровски не разбира или не – рече Мицкоски.