Тони Мениноски/Фото: Игор Бансколиев

Поништувањето на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија се крајна цел што ја истакна адвокатот Тони Менкиноски во правната борба со институциите, откако министерот за правда Никола Тупанчевски денеска навести дека ќе се почитува судската одлука со која се поништува решението за забрана за користење на терминот „Македонија“ при регистрација на правни субјекти.

– Министерството мора да ја почитува судската одлука. Ние ќе одиме до крај и пред меѓународните судови. Употребата на името „Македонија“ е право на македонскиот народ. Војната ќе биде добиена кога ќе бидат анулирани сите договори што се на товар на македонскиот народ. Тука спаѓаат Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија – категорично порача Менкиноски кој го застапува тужителот Димитар Џундев во конкретниот процес.

Менкиноски: Поништено е решението за забрана на терминот „Македонија“, добивме битка, но не и војната

Управниот суд вчера донесе одлука со која се поништува решението на Министерството за правда потпишано од претходниот министер Бојан Маричиќ, со кое не му дозволи на здружението „Млади за Македонија“ да се регистрира под име кое го содржи терминот „Македонија“. Тупанчевски, нагласи дека сѐ уште не ја видел судската одлука, но оти Министерството за правда ќе ја почитува.

– Одлуките на судовите кои се донесени се одлуки кои задолжително се почитуваат. Непочитувањето судска одлука значи елементи на некое друго кривично дело. Ќе ја погледнеме каква е одлуката на Уставниот суд. Јас уште не сум ја добил и видел. Меѓутоа дефинитивно она што треба да се знае е дека одлуките на судовите треба да се применуваат – изјави Тупанчевски во одговор на новинарско прашање пред промоцијата на Националната стратегија за превенција и правда за децата (2022-2026) и Акциски план (2022-2023).

Менкиноски: Користењето на името „Македонија“ е наше генетско право, ќе одиме до крај против забраната

Министерството за правда има рок од 60 дена по пресудата да донесе ново решение за употребата на терминот „Македонија“. Со тужбата поднесена од Џундев се бараше поништување на првичното решение потпишано од Маричиќ, односно да се дозволи називот на здружението „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“. Џундев смета дека користењето на терминот „Македонија“ му беше забрането на целиот македонски народ со првичната одлука на Министерството за правда. М.Ж.