Смената на директорот на Клиниката за државна кардиохирургија проф. д-р Сашко Јовев, кој ги предводеше трансплантациите на срце во земјава, не е политичка, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој, денес по посетата на реновирани простории на Клиниката за ендокринологија, не сакаше да зборува за причините поради кои го разреши Јовев и најави дека попладнево на брифинг ќе ги изнесе сите детали.
-Политика апсолутно не стои зад смената на Јовев, секаде каде што ќе има злоупотреби со мене како министер, ќе има и санкционирање – рече министерот Меџити и нагласи дека заедно со Јовев на успешните трансплантаци работел цел тим.
Меџити вчера го разреши Јовев од функцијата директор, а смената наиде на лавина неодобрување кај јавноста, посебно кај пациентите со трансплантантирано срце и нивните семејства.