Овие се транзиторни, минливи позиции и функции. Нема некој засекогаш тука бесмртен да биде, ниту јас ниту некој друг, ниту директорите, рече министерот за здравство.
Министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши директорот на Универзитетската клиника за кардиохирургија, професор д-р Сашко Јовев, кардиохирургот кој го предводеше тимот кој ја направи првата трансплантација на срце. Меџити, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ваквиот потег, рече дека секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето, тој ќе постапи исто.
– Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или по десет години, немаат никаков резултат и затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено – рече Меџити.
Тој додаде дека Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име.
– Овие се транзиторни, минливи позиции и функции. Нема некој засекогаш тука бесмртен да биде, ниту јас ниту некој друг, ниту директорите – нагласи Меџити по промоцијата на новата онлајн услуга, електронска регистрација на новороденче.
Доктор Јовев во изјава за „Фокус“ вели дека Меџити го разрешил бидејќи пред една недела го избрал датумот кој го предложил премиерот Димитар Ковачевски за отворање на хибридната сала на клиниката.
– Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога официјално да се пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на многубројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан – вели Јовев за „Фокус“.
Доктор Јовев ја предводеше првата трансплантација на срце во земјава за што ја доби наградата „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на здравството.