За денеска е предвидено отворањето на нов бугарски културен клуб со контроверзно име поврзано со фашизмот – „Цар Борис Трети“, чие седиште ќе биде во Охрид.
Министерството за правда не даде позитивно мислење за отворањето на клубот, а Левица како политичка партија најави иницијатива за забрана на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Во Охрид е планиран и протест против отворањето на бугарскиот културен клуб. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека го поддржува протестот и повика на масовна излезност, но истовремено апелираше протестот да биде мирен, демократски и без инциденти за, како што рече, „да не им се даде алиби на тие коишто се причината денес Македонија да биде во оваа ситуација“.
Министерството за надворешни работи (МНР) упати апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став, по повод најавеното отворање на бугарскиот културен клуб во Охрид, како и повикот за протест.
Пратеникот Антонио Милошоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието ќе поднесе закон со кој се забранува формирање здруженија поврзани со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх.
Во Битола, во април, беше отворен бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ што предизвика големо незадоволство во македонската јавност. Пејачот Ламбе Алабаковски подметна пожар пред центарот „Ванчо Михајлов” по што беше притворен од битолската полиција. По неколку дена беше пуштен во домашен притвор, а подоцна му беше овозможено да се брани од слобода. Алабаковски го призна делото и беше осуден на условна казна од шест месеци.
Отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ е на четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државниот празник 11 Октомври.