Македонците во Албанија го одбележаа Христовото раѓање – Божиќ, присуствувајќи на светите литургии во храмовите во Мала Преспа, кои ги отслужуваат свештениците Алекс Темелко и Ропи Арѓири и двајцата Македонци од Преспа.
– Возљубени браќа и сестри. Да ја запалиме во нас и во нашите души и срца светлината и љубовта на Христос. Светлина која ќе не осветлува и ќе ја истера од нас темнината. Да ја разгласиме и да ја даруваме оваа љубов кај сите луѓе, особено кај тие што се изнемоштени, кај тие што се осамени, кај натажените и исплашените. Сега повеќе од секогаш луѓето имаат потреба од Христовата љубов затоа што совршената љубов го истерува надвор стравот и не исполнува со сигурност, мир и радост – порачаа свештениците.
Традиционално, со Македонците беше лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.
Тој заедно со членови на Општинскиот комитет на партијата за Преспа по повод божикните празници, го посетија и прекрасниот манастирски комплекс „Света Марена“ кај Туминец, општина Пустец.
– Ова е духовно светилиште на Македонците во Албанија и пошироко, каде што заедно можеме да ја чувствуваме силата на македонската заедница и традиција. Среќен Божиќ на сите. Нека ни биде полн со мир, љубов и хармонија. Хрстос се роди! Навистина се роди – посака Стерјовски.
Сите македонски семејства синоќа ја испочитуваа традиција со месење бадниково лепче со паричка и со посна вечера, а денеска со заеднички ручек со семејствата.