Фото: Официјален Фејсбук-профил на министерот за правда

Левица како политичка партија најави иницијатива за забрана на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид.

-Левица како политичка партија и глас на народот секогаш реагира и дејствува кога е во прашање македонската посебност и антифашистичката историја. Како што беше поднесена иницијатива за забрана на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, така ќе биде поднесена и иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид. Слободата на здружување на граѓаните како уставно загарантирано право има свои јасни граници со цел спречување на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Основањето на здруженија со назив „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, е директно насочено кон насилно уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија, а особено кон разгорување наа национална омраза. Борбата и победата над фашистичкиот окупатор е дел од европската култура и историја. Воздигнувањето на вакви личности е опасен тренд кој треба под итно да биде спречен во Македонија. Владата и институциите се слепи и глуви за оваа опасност и не ја спречуваат. Министерот за правда Никола Тупанчески најави одредена Комисија како адхок-тело кое ќе делува меѓуресорски, и ќе дава мислење за карактерот на историските личности. Во изјавата на Министерот не дознавме на кој начин таа ќе се основа и кои ќе бидат нејзините надлежности. Очигледно е дека оваа изјава е во насока на смирување на македонската јавност која е особено вознемирена и постојано реагира на ваквото подло и тенденциозно наметнување на фашизмот во нашето секојдневие. Очекуваме реакција од Јавното обвинителство и останатите државни органи за постапување и спречување на овој опасен тренд на наметнување и воздигнување на докажани фашистички дејци и државници на окупаторски држави, за кое реагираше и еврејската заедница во Македонија – реагираат од Левица.

За жал, како Министерство за правда практично немаме никакви ингеренции, одговори денеска министерот Никола Тупанчевски на новинарско прашање дали ќе се дозволи отворање на уште еден бугарски клуб во Охрид со име „Цар Борис Трети“.

Адхок-телото за имиња на историски личности наскоро ќе почне со работа, како држава мора да бидеме подготвени за идни потенцијални провокации, вели Тупанчевски.

-Комисијата е формирана и на последната седница, разговаравме околу некои технички аспекти. Тоа не е комисија во рамки на Министерството за правда, туку тоа е владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана конститутивната седница бидејќи имињата се познати. Таа комисија би требало да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која е поставена пред нив. Доколку сакаме да направиме некакви ретроакции, моето мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции. Кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства. Сето тоа е содржано во Кривичниот законик – рече Тупанчески.

Ова ад хок тело, според министерот е формирано со цел да се бајпасира вакумот кој би настанал до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации кој е во фаза на подготовка.