По повод стогодишнината од раѓањето на академик проф. д-р Кирил Мицевски (29.4.1926-6.2.2002)
- Основна преокупација во научноистражувачката дејност на академик Кирил Мицевски претставуваше истражувањето на флората на Република Македонија. За периодот од 50 години како нејзин неуморен истражувач, заедно со своите соработници, повеќекратно ги има обиколено сите наши планини, котлини и клисури, така што хербариумскиот материјал од неговите теренски истражувања е депониран во хербариумската збирка на Природно-математичкиот факултет во Скопје, чиј број денес изнесува околу 200.000 хербариумски примероци
- Ни останува трајно да се сеќаваме на професорот Кирил Мицевски, кој ни беше учител и многу нѐ задолжи со својата трудољубивост и скромност, со вредноста и значењето на целокупното негово дело. Тој беше правдољубив човек, многу хуман, со високи етички вредности, со многу респект и почит кон обичниот човек, родољуб што над сѐ си ја сакаше својата Македонија
Оваа година се навршуваат 100 години од раѓањето на академик Кирил Мицевски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, долгогодишен редовен професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и основоположник на современите флористички и вегетациски истражувања на територијата на Република Македонија. Роден е на 29.4.1926 година во Скопје. Тој ѝ припаѓа на првата генерација студенти на групата за биологија, запишани во 1946 година на Филозофскиот факултет, Природно-математички оддел. Дипломирал во 1951 година, како првенец од неговата генерација, и веднаш бил избран за асистент на Ботаничкиот завод. Докторската дисертација „Типолошки истражувања на вегетацијата на низинските ливади и блата во Македонија“ ја одбранил на Филозофскиот факултет во Скопје (1958). За доцент е избран во 1958 година, за вонреден професор (1964) и за редовен професор (1970 година). Во 1974 година е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1979 година за нејзин редовен член. За резултатите од неговите флористички истражувања значајни за Македонија и Балканскиот Полуостров, во 1995 година е избран за дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите.
Наставно-педагошката активност на академик Кирил Мицевски беше обемна и многу плодна. Како многу талентиран студент веднаш бил забележен од страна на професорите Борис Китанов и Роко Вуковиќ, основоположници и едни од втемелувачите на Катедрата за биологија на Природно-математичкиот оддел при Филозофскиот факултет во Скопје, која подоцна ќе прерасне во Институт за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од нив ги добива основните знаења од ботаниката, а подоцна и од пионерите на европската фитоценологија, професорите од Загрепскиот универзитет Иво Хорват и Стјепан Хорватиќ, каде што ја усовршува методологијата на фитоценолошките истражувања. Сѐ до неговото пензионирање (1987) ја изведувал наставата по предметите Систематика и филогенија на вишите растенија и Фитогеографија со фитоценологија на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а во одредени периоди одржувал настава на Вишата педагошка школа во Скопје, Вишата земјоделска школа во Приштина и Филозофскиот факултет во Приштина.
Научноистражувачката дејност на академик Кирил Мицевски се одвиваше во доменот на две научни дисциплини – флористиката и вегетацијата, односно фитоценологијата. Од тие области објавил над 120 научни труда, кои се често цитирани во европската ботаничка периодика.
Основна преокупација во научноистражувачката дејност на академик Кирил Мицевски претставуваше истражувањето на флората на Република Македонија. За периодот од 50 години како нејзин неуморен истражувач, заедно со своите соработници, повеќекратно ги има обиколено сите наши планини, котлини и клисури, така што хербариумскиот материјал од неговите теренски истражувања е депониран во хербариумската збирка на Природно-математичкиот факултет во Скопје, чиј број денес изнесува околу 200.000 хербариумски примероци. Тоа му овозможи да пристапи кон објавување на делото „Флора на Република Македонија“, од кое за време на неговиот живот беа објавени пет свески, во кои детално и аналитички е обработен дел од нејзината многу богата флора. Притоа, опишани се 45 нови видови за науката, откриени за првпат на територијата на Република Македонија, како и голем број многу ретки, балкански ендемични видови, дотогаш непознати за територијата на Македонија, кои претставуваат посебен интерес за толкување на генезата на флората и вегетацијата на Балканскиот Полуостров.
Фитоценолошките истражувања на територијата на Македонија заземаат посебно место во научноистражувачкиот опус на академик Кирил Мицевски, во текот на кои тој опиша еден нов вегетациски ред за науката, 7 нови сојузи и 24 асоцијации. Во неговите трудови комплетно е истражена водната и блатната вегетација на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, како и на повеќето блата и мочуришта – Катлановското Блато, Пелагониското Блато, Моноспитовското Блато, Струшкото и Охридското Блато, повеќето од нив денес се речиси сосема уништени или, пак, од нив се останати само мали фрагменти. Единствени податоци за нивниот флористички состав и фитоценолошка припадност денес може да се сретнат само во објавените студии на академик Кирил Мицевски. Во текот на вегетациски истражувања на академик Кирил Мицевски се обработени и низинските ливади во сите котлини на Македонија, халофитската вегетација што се развива по засолените почви во Овче Поле, делумно вегетацијата на ридските пасишта, степоликата вегетација што се развива централните делови на Република Македонија (помеѓу Велес, Штип и Неготино), притоа докажувајќи дека тука воопшто не се работи за вистинска степска вегетација, туку за една „степолика“ вегетација што само физиономски потсетува на степа, во чиј состав влегуваат пред сѐ стари степски реликтни видови што егзистирале во поранешните геолошки периоди, кои тука се одржале поради поволните климатски и педолошки услови.
Особено внимание академик Кирил Мицевски посветуваше на проблемот со заштитата на биолошката разновидност во Република Македонија, така што уште пред повеќе од 40 години укажуваше на неопходноста од заштитата на неколку локалитети во Македонија, кои се од особено флористичко и вегетациско значење, предлагајќи некои од нив, во својство на природни реткости, да бидат заштитени. Тоа се однесува на блатото со Osmunda regalis с кај селото Банско (Струмичко), блатото кај Негорска Бања (Гевгелиско), блатото Студенчиште покрај Охридско Езеро, шумата со Alnus glutinosa помеѓу Гостивар и Тетово и други.
За неговата дејност на наставното, научното и општественото поле акад. Кирил Мицевски беше одликуван со Медал на трудот (1957), наградата на Град Скопје „13 Ноември“ (1961), Орден на трудот со Златен венец (1969), Златна плакета на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (1984), Спомен-плакета по повод 25 години на Природно-математичкиот факултет Скопје, Повелба од Универзитетот „Кирил и Методиј“ (1988), наградата „Гоце Делчев“ (1999) и други.
Како негов студент, асистент и соработник, имав можност и привилегија да го придружувам и заедно да соработуваме во текот на многубројните теренски истражувања во сите делови на Македонија, од низините до највисоките планински врвови, во сите годишни времиња, секогаш со ранец и хербар на грб, со неизбежниот прибор за чај и нескафе, секогаш со ведар дух на терен, со сериозност и достоинственост на предавањата, со строгост, но и толерантност а пред сѐ правичност на испит, постојано со флорите, бинокуларот и хербариумските кутии. Ни останува трајно да се сеќаваме на професорот Кирил Мицевски, кој ни беше учител и многу нѐ задолжи со својата трудољубивост и скромност, со вредноста и значењето на целокупното негово дело. Тој беше правдољубив човек, многу хуман, со високи етички вредности, со многу респект и почит кон обичниот човек, родољуб што над сѐ си ја сакаше својата Македонија.
Името на академик Кирил Мицевски засекогаш ќе остане како пример на ангажиран, доследен, принципиелен и максимално одговорен пристап кон професијата, кои произлегуваа од неговата обемна наставна и научноистражувачка дејност. Тој беше еден од водечките балкански флористи, таксономи и фитоценолози, креативен и неуморен истражувач, кој со зрелоста на своите научни потфати и добиените резултати ја афирмира македонската наука на балканската и европската научна сцена.
Автор: академик Владо Матевски

































