Оваа Влада искрено и силно е посветена да го негува и унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Денес нашиот приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднина. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покаже дека се грижиме за него преку начинот како го говориме, како го пишуваме и како го читаме македонскиот литературен јазик. Да го чуваме, унапредуваме и достојно да го предадеме на сите генерации после нас, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.

Покрај премиерот Ковачевски, се обратија и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска и професорот Људмил Спасов.

Ковачевски порача дека Владата е посветена на негувањето на македонскиот јазик, како национален и културен идентитет.

– Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатување и унапредување на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николовска и многу други претходни и сегашни литерати кои оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо – истакна Ковачевски.

Тој посочи дека денес имаме вистинска мала армија на македонисти во светот, студенти на универзитетите во Анкара, Истанбул, Риека, Будимпешта со до-дипломски и постдипломски студии и низа други универзитетски центри во светот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја нагласи уникатноста на македонскиот јазик, се осврна на дел од неговите особености и на македонската азбука, на богатството од дијалекти…

– Факт е дека нас Македонците не има насекаде и ќе не има се додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски јазик – рече Костадиновска-Стојчевска, која најави конкурс за учество во финансирање проекти за манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ во 2022 година.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири го честиташе Денот на македонскиот јазик и нагласи дека натамошното негување, заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик може да се издига само врз цврсти темели што ги поставува образованието.

Од тука, како што рече, и важноста на вложување во подобрување и развој на образованието што за оваа Влада и за МОН е приоритет. Информира дека ќе продолжи темелната реформа на образованието и воведување на нови наставни програми во основното образование.

Шаќири ја нагласи клучната улога на наставникот, кој, како што рече, го гради правилниот однос на ученикот кон стандардниот македонски јазик и неговите правописни правила.

– Добрите наставници се пресудни за добро образование – потенцира министерот Шаќири.

Министерката Тренчевска ги образложи активностите кои воспитувачите во градинките ги преземаат и потенцира дека јазикот на децата им е неопходен да ги изразат своите мисли и чувства, а во исто време тој им е непоходен да ги разберат и другите лица со кои стапуваат во комуникација.

Професорот Људмил Спасов од Филилошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во име на Советот за македонски јазик изјави дека ние Македонците, како и сите народи во светот, го почитуваме македонскиот јазик како наше културно наследство, но и како наша иднина.

-Го имаме правото, ја имаме потребата да се изразуваме на нашиот македонски јазик во сите сфери на живеењето и на работењето, во секојдневниот живот, во науката, во администрациајта, во културата, воопшто – нагласи Спасов.

Тој информира дека оваа година се наоѓаме во фаза на формирање на новата стратегија за македонскиот јазик и нагласи дека тоа значи дека е дојдено време да ја афирмираме стратегијата која, како што рече, претставува јазична политика. Нагласи дека тоа значи определување на современиот статус на македонскиот стандарден јазик, дека треба да го доразвиеме јазичното планирање…Според него, ние во земјава треба да направиме споредбена анализа за степенот на развиеноста на јазичните можности и технологии на македонскиот јазик во споредба со другите европски јазици, треба да се направи проект за македонскиот јазик во дигитална ера за да може на дигитален начин да се изнајдат поимите и зборовите…, треба да се направи рамка на националната платформа за јазичната политика.

Спасов се осврна и на Законот за употребата на македонскиот јазик, кој, како што рече, во најкус можен рок мора да се актуализира, што е направено еднаш во декември 2017 година и во овој закон да се донесат нови измени и дополнувања од Собранието.

Тој информира дека се наоѓаме пред непосредно отворање на настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча, Република Албанија.

На одбележувањето се обрати и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова Грујовска.