Илустрација / Фото: Маја Јаневска - Илиева

Учениците од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром останаа дома. Ова е резултат на бојкотот кој се случува во ова училиште по најавите дека проблематичниот ученик повторно би можел да се врати овде.

Третоодделенецот поради насилно поведение беше отпишан од ова училиште, неговите родители се обидоа да го запишат во ООУ „11-ти Октомври“, каде учениците вчера исто така останаа дома во знак на бојкот. По ова, следуваше нов обид на родителите да го вратат ученикот во своето матично училиште, но и овде настапи бојкот. По ова, одборот на родители од „Лазо Ангеловски“ денеска  одржа средба со претставници на МОН, а од ресорното министерство соопштија дека е донесена одлука за формирање на интердисциплинарна комисија.

– Формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветни мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани – велат од МОН.

Во меѓувреме, во Основното училиште 11 Октомври денеска наставата продолжи да се одвива нормално. Вчера во одговор на новинарско прашање министерката за образование и наука Весна Јаневска, рече дека реакцијата на родителите е пренагласена, истакнувајќи дека секое дете заслужува образование и дека има служби кои треба да работат на подобрување на неговото поведение.