Кочо Анѓушев, бизнисмен и поранешен вицепремиер, се најде на американската „црна листа“. Одлуката е објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент.
„Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“, се наведува во одлуката.
Денешната акција, нагласуваат од Стејт департментот, покажува дека САД во Македонија стојат со оние кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.
Стејт департментот, исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите деца, Ангел и Огнен.
Пред неполн месец, на американската „црна листа“ завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Претходно беа ставени Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.