Оние околу 1.600 матуранти кои не го положиле делот од државната матура што се однесува на проектната задача, ќе имаат можност тоа да го направат до 19 мај годинава, односно до крајот на наставната година за матурантите. Учениците требаше до 21 април да го полагаат делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача.
Поместувањето на рокот, како што вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, е поради изгубените часови поради штрајкот, на што разбирање за состојбата покажале од Министерството за образование, од каде го подготвиле документот за измена на календарот, кој до крајот на неделата треба да се појави во Службен весник.
– Додека се матурантите во училишните клупи ќе се спроведе полагањето на проектната задача. За време на штрајкот пративме известување до училиштата, колку матуранти дотогаш не го положиле делот за проектна задача. Одговорот што го добивме беше дека тоа се околу 1.600 ученици, од околу 16 илјади пријавени матуранти за полагање на државна матура. Тоа се 10 отсто од пријавените матуранти. Бројка која не е мала. Во таа насока се предложи и продолжување на рокот – објаснува Наумовска.
Според неа, полагањето на државната матура е важен сегмент во заокружувањето на средното образованое и претставува услов за упис на матурантите во високото овразование во државата и надвор од државата.
Според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да има екстерно тестирање. Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручните училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика.
Оние во уметничките училишта бираат меѓу странски јазик и филозофија или естетика. По овие т.н. екстерни испити, во училиштата се полагаат два интерни предмети.
Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци минатата недела за „Нова Македонија“ изјави дека тимовите на сојузот ќе соберат предлози и барања како да се адаптира државната матура за сегашната ситуација.
Инаку, минатиот четврток штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура беше ставен во мирување. Неделава продолжи наставата во основните и средните училишта се спроведува вообичаено, со ученици во училишните клупи.