Средствата што Европската Унија ќе ги додели по признанието од Европската комисија за исполнетите реформи ќе се слеат главно во државниот Буџет, а распределбата за Министерството за образование и наука ќе ја утврди Министерството за финансии, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска пред почетокот на одбележувањето на 77 години постоење на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Јаневска нагласи дека очекува поддршка за образовниот сектор, со оглед дека претстојат нови реформски чекори за повторно користење европски средства и посочи дека во изминатиот период се донесени нови модели за финансирање и е подобрена инфраструктурата во училиштата.
– Средствата што ќе ги додели Европската Унија за исполнување на чекорите од европската агенда во најголем дел ќе одат во Буџетот на државата, а за тоа колку од тие средства ќе бидат наменети за Министерството за образование и наука ќе одлучи министерката за финансии. Длабоко верувам дека ќе има разбирање, бидејќи имаме дополнителни чекори што треба да ги исполниме, а за кои не се потребни значителни средства, со цел повторно да можеме да добиваме средства од Европската Унија – рече Јаневска.
Прашана дали постои конкретен план за задржување на младите во државата, бидејќи Словенија веќе со години ги зема најдобрите студенти од земјава, Јаневска оцени дека станува збор за комплексен процес што бара повеќе паралелни чекори, меѓу кои модернизација на студиските програми, подобрување на студентскиот стандард и поголема поврзаност на образованието со пазарот на трудот, пренесе МИА.
– Еден од чекорите е подобрување и модернизација на студиските програми на нашите универзитети, при што со новиот закон се предвидуваат промени во високото образование, на пример модуларност при учење, поттикнување на интердисциплинарни студии кои се соодветни на пазарот на трудот, како и разгледување на квотите за упис на одредени универзитети и факултети … Се обезбедуваат и значителен број стипендии за студентите, и таа пракса ќе продолжи. Сметаме дека се потребни различни типови стипендии, во зависност од потребите на студентите … Работиме и на подобрување на поврзаноста меѓу образованието и пазарот на трудот, со цел студентите побрзо да се вклучат во работниот процес. Новиот закон предвидува и приоритет за најдобрите студенти при вработување на универзитетите. Се преземаат повеќе чекори во оваа насока – рече Јаневска.
Министерката информираше дека два студентски дома се веќе реновирани според европски стандарди, додека за останатите седум се очекува да започне реконструкција од октомври.
– За жал, во изминатите години ниту еден студентски дом не беше реновиран, додека сега веќе имаме два реновирани дома кои од октомври ќе примаат студенти според европски стандарди. Од октомври почнуваме со реновирање на сите останати седум, што значи за година и пол до две години студентите ќе имаат навистина европски услови каде што ќе можат да учат и да живеат, односно да имаат пристоен живот додека студираат – изјави Јаневска.
Во одговор на новинарско прашање поврзано со спроведените реформи, Јаневска вели дека постојат дезинформации во јавноста, иако, според неа, има јасни показатели за спроведените реформи.
– За жал, постојат дезинформации, иако имаме јасни показатели за спроведените реформи. Сè уште има мал дел од јавноста што верува во таквите дезинформации, иако претходно постоеше можност да се направат овие промени, но тоа не беше сторено. Измените и дополнувањата на законите носат придобивки за студентите. Во однос на прашањето за стипендиите, сакам да појаснам дека бројот на стипендии не се намалува. Напротив, врз основа на направена анализа за изминатите пет години, утврдивме дека околу 400 стипендии наменети за социјални категории не биле искористени. Причината е што бројот на студенти кои ги исполнуваат условите за тие категории бил помал, па тие стипендии останувале недоделени. Врз основа на тие анализи, преземаме мерки за поефикасно користење на средствата – додаде Јаневска.

































