Фото: Министерство за здравство

Следната недела ќе се објави извештајот од стручната Комисија која ја формираше министерот за здравство Фатмир Меџити за случајот со починатата 26-годишна родилка од Делчево, која почина на 26 декември на КАРИЛ во Скопје, а беше донесена во лоша здравствена состојба од штипската Клиничка болница.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека деновиве го чека извештајот од Комисијата.

– Формираме стручна Комисија, тие се експерти кои имаат програма на работа и мислам дека идната недела ќе биде извештајот и ќе се расчисти овој случај – изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Стручната Комисија беше формирана по препорака на инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Оваа Комисија треба да го разгледа начинот на лекување и дали се направени пропусти од страна на лекарите и медицинскиот персонал.

Инспекторите на ДСЗИ од увидот во медицинската документација констатираа дека на пациентката во 39 недела од бременоста, матичниот лекар на 22 декември и креирал упат за следење на нормална бременост до породување. Четири дена подоцна се јавила на преглед во приемната акушерска амбулантна во Клиничка болница-Штип и е утврдено намалување на плодовата течност. При сместување во Болницата, пациентиката колабирала, по што веднаш и извршен итен царски рез. По породувањето продолжена е интервенција во стомакот, при што е констатирано дека обилното крварање потекнува од крвен сад во близина на слезината по што пациентката паѓа во шокова состојба и повторно хируршки е интервенирано со отстранување на слезената. Конзилумот одлучува родилката да се хоспитализира на КАРИЛ во Скопје, каде и почина.

Новороденчето е во добра здравствена состојба и од пред два дена веќе е дома.