Филмот „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски ја заврши 2023 година со нова меѓународна награда – седма по ред за филмот, а вкупно десетта заедно со трите што ги доби Манчевски во текот на изминатата година. „Кајмак“ беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „И-фест“ во Палермо, Сицилија, кој заврши на 29 декември. Филмот ја доби Меѓународната награда на Град Палермо, а куриозитет е дека таа е изработена од прославениот сицилијански керамичар Нино Парука, кој годинава одбележува половина век творештво.
Фестивалот му оддаде и почит на Манчевски со почесна проекција на неговиот легендарен филм „Пред дождот“, добитник на „златен лав“ во Венеција и на номинација за „оскар“, како и со мастер-клас, кој режисерот го одржа во Палермо.
– Му се радувам на „Кајмак“ оти се покажа дека е едно жилаво филмче – колку повеќе локалната филмска мафија се обидува да нѐ блокира со незаконски средства и него и мене, ние толку повеќе меѓународни награди собираме. На здравје и за многу години – изјави Манчевски.
„Кајмак“ ја почна новата година набргу во официјалната конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. „Кајмак“ е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и на Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Свети Китс и Невис до Данска, Хрватска.
Филмот е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од „Еуримаж“, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 г., потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија.