Фото: Агенцијата за катастар на недвижности

Граѓаните од денеска за неколку секунди до максимум минута или две ќе може да вадат имотни листови преку новиот портал „е-услуги“ на Агенцијата за катастар на недвижности.

Порталот https://e-uslugi.katastar.gov.mk/ овозможува брз електронски пристап до вкупно 94 различни катастарски услуги, но и покрај неговото активирање, досегашната веб страница https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/ останува во функција до 31 декември 2024 година. По 1 јануари 2025 година, корисниците ќе имаат пристап до услугите на Катастарот исклучиво преку новиот портал.

-Станува збор за нов проект кој им овозможува на корисниците услугите да ги добијат веднаш по нарачката преку електронска пошта, што значително го скратува времето и го олеснува пристапот за граѓаните и правните лица. До крајот на годината ќе бидат додадени уште десетина нови услуги, а во текот на 2025 година се предвидува дополнително проширување за уште десет услуги. Исто така, сите корисници ќе можат да се најавуваат преку Системот за единствена најава (СЕН), управуван од Министерството за дигитална трансформација – рече директорот на Агенцијата Иван Живковски на прес-конференција.

Според него, Агенцијата за катастар е првата државна институција со над 100 целосно дигитализирани услуги достапни за граѓаните.

-Со оваа дигитализација се намалуваат административните процедури, се зголемува транспарентноста и се овозможува ефикасен пристап до услугите, правејќи ги подостапни, без непотребно чекање и со значително заштедено време за граѓаните. Преку бројки во изминатиот период покажавме дека со соодветна организација можеме да одговориме на барањата на граѓаните. Ги решивме сите заостанати предмети, а тековно се решаваат сите активни барања доставени до нас. Дигитализацијата е еден чекор напред кон создавање модерна институција, која ќе продолжи да биде вистински сервис на граѓаните – истакна Живковски.