Фото: З.А.

Во периодот кога имаат најмногу работа , цепачите на дрва во Кичево ги зголемија цените на своите услуги и за кубик сечени дрва наплатуваат по 200 денари а идентична е тарифата и за редење на дрвата во подрум или гаража. Тие имаат оправдување за зголемените цени и самите посочуваат дека безмалку сите цени отишле нагоре што ги приморало и нив да го направат истото.

-Зголемувањето на цената за цепење или редење на огревно дрво се должи на повисоките цени на сите стоки и услуги.Од тие причини и ние сме приморани да ја покачиме тарифата и за кубик дрва да наплатуваме 200 денари .Цепењето на дрва е сезонска работа и работа која не можете да ја работите на постари години и затоа и нашите услуги мора да бидат повисоки – рече Мухарем Исмаилоски, еден од се помалубројните цепачи на дрва во Кичево.

Тие истакнуваат дека нивната работа е тешка и бара поголем физички напор.

-Нашата работа бара поголем физички напор и не може да се работи во поодминати години.Исто така нашата работа е сезонска и она што ќе го заработиме во текот на сезоната нее доволно да ги покрие трошоците за целата година.Потврда дека нашата работа е многу тешка е и се помалиот број цепачи во градот, кои за десетина години целосно ќе исчезнат – вели Адем Муратоски, кој најави дека наскоро ќе престане со оваа работа бидејќи го навасале годините и чуствува се поголем напор при работа.

З.А.