Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишен жител на селото Мешеишта, Општина Дебрца, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира ОЈО, осомничениот на 14 април се јавил на официјалниот телефонски број на Амбасадата на Велика Британија во Скопје, каде се вклучил автоматскиот оператор на централата. На говорниот апарат осомничениот оставил порака со заканувачка содржина: „Британската амбасадорка во Скопје ќе биде нападната со огнено оружје. Ова не го пријавувам во македонската полиција, затоа што нема да ја сфатат сериозно заканата“. По ова, повикот го прекинал, но пораката била сочувана во системот.
-Со ова, осомничениот ја загрозил сигурноста на британската амбасадорка во Скопје. Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, пред се ако се има предвид видот и карактерот на стореното кривично дело и последиците од него, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопшти ОЈО.