Фото: МИА

Во Основниот суд во Тетово денес се одржаа завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривична дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. По речиси час и половина образложување, судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти на 5 јуни понеделник во 12 часот.

Претставникот на Обвинителството посочи дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го исполниле. За обвинетиот доктор Бобан Вучевски, обвинителот посочи сведочења на роднини и рече дека дозволил присуство на роднини на пациентите.

Кон завршните зборови на Обвинителството се приклучија пет адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во пожарот и повредните пациенти во модуларната болница. Тие во нивно име побараа од судот да ги насочи за надомест на штета и трошоци.

Адвокатот на правното лице Јавна здравствена установа Клиничка болница Тетово наведе дека за двете дела за кои се товари болницата преку сведочења се докажува спротивното. Тој ги предочи сведочењата на вработени во ЈЗУ Клиничка болница Тетово кои истакнале дека имало поставени противпожарни уреди и дека установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.

Адвокатот на обвинетиот Флорин Бесими во завршните зборови ги посочи сведочењата на вработени во болницата кои истакнале дека имало уреди за гасење пожар. Според него, од друга страна обвинетиот не бил овластен и немал обврска за поставување противпожарни уреди и не учествувал во примопредавање на модуларната болница.

И адвокатот на обвинетиот Артан Етеми побара ослободителна пресуда потенцирајќи дека обвинетите не се обвинуваат за предизвикување на пожар, туку за сосема друго кривично дело сторено од небрежност. Според адвокатот несвојствено е да се определува широк временски опсег на сторување на кривично иако поставените прашања до сведоците беа исклучиво за денот 8.9.2021, кога се случи пожарот.

Бранителот на обвинетиот доктор Бобан Вучевски посочи дека се приклучува на завршните зборови на претходните адвокати потенцирајќи дека Обвинителство не докажало кривично дело сторено надвор од здрав разум од страна на неговиот клиент. И за Вучевски побара ослободителна пресуда. Денеска повторно пред судот група граѓани пред почетокот на рочиштето преку мирен протест побараа ослободителна пресуда за докторот.

Сите обвинети се согласија со завршните зборови на своите адвокати.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинуваат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.