Пожар избувнал околу 10 часот во фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Штип. Пожарот набргу бил пријавен по што пожарникарите реагирале и целосно го изгаснале до 11 часот, информира Славчо Делов.
– Некаде околу 10 часот беше пријавен пожар во фирма во индустрискиот дел на Штип. Од наша страна е интервенирано со две возила и четири пожарникари. Дојавата беше дека има запалена печка и покривна конструкција. Отидено е на лице место, пожарот е локализиран и изгаснат, сѐ во најбрзо време – вели пожарникарот Делов.
Според портпаролката на клиничка болница од Штип, Марина Шуманска, примени се двајца пациенти со телесни повреди, кои веднаш биле прегледани од лекарите.
– Во болницата се хоспитализирани двајца пациенти со телесни повреди, прегледани се од доктор Серафимов и доктор Николов, направени се компјутерска томографија и лабараторија – вели Шуманска.
Во моментов не е познато колкава е материјалната штета предизвикана од пожарот во фабриката.