Фото: Архива

Секој трет потрошувач во Европа смета дека е прифатливо да се купува фалсификувана стока, а помладите купувачи мислат дека е подостапна, без разлика што надлежните предупредуваат на фактот дека купувачот на фалсификуваните производи може да има потенцијално сериозни ризици по безбедноста и здравјето

Се купуваат фалсификувани производи бидејќи оригиналите се скапи?!

Дали падот на куповната моќ го промени ставот на клиентите за фалсификуваните производи и дали денес има повеќе луѓе што би избрале поевтин плагијат само поради цената? Најновото истражување покажува дека во просек еден од тројца потрошувачи во Европа смета дека е прифатливо да се купи фалсификуван производ доколку цената на оригиналот е превисока. Мнозинството купувачи во ЕУ (83 проценти) тврдат дека добро го разбираат значењето на „интелектуалната сопственост“ и се согласуваат дека е важно да се почитуваат овие регулативи, првенствено за заштита на правата и приходите на пронаоѓачите, издавачите, креаторите и уметниците.
Иако се согласуваат дека законите за интелектуална сопственост го штитат квалитетот на производите и услугите, интересно е што кога станува збор за купување фалсификати, тие ретко се премислуваат. Неодамна објавеното истражување на Мрежата на европски организации на потрошувачи покажа дека меѓу потрошувачите има и значителен број луѓе што сосема свесно прифаќаат фалсификати и нелегални онлајн содржини.
– Повеќето Европејци се свесни дека купувањето фалсификувана стока може да има негативни последици и одбиваат такви набавки. Тие го гледаат тоа како поддршка за неетичко однесување (83 проценти) и криминални организации (80 проценти). Помалку испитаници се согласуваат дека фалсификуваните производи претставуваат закана за здравјето и безбедноста (66 проценти) – се наведува во истражувањето.
Инаку, се покажа дека помладите се поподготвени да купуваат фалсификувана стока и тврдат дека причината за ваквиот избор е подобрата достапност на производот. Дури 13 отсто од нив намерно купиле фалсификуван производ во последните 12 месеци, а 39 отсто од Европејците се прашувале дали нешто што го купиле е оригинално или фалсификувано.
Ставовите и однесувањето на потрошувачите кон нелегалната дигитална содржина личат на оние кон фалсификуваните стоки. Генерално, повеќето Европејци не поддржуваат добивање дигитална содржина од нелегални извори. Сепак, прифаќањето е значително поголемо кај помладите возрасни групи. Додека само 18 отсто од Европејците на возраст над 65 години одобруваат пристап до пиратски содржини доколку цената на содржината е превисока, во случајот со помладите луѓе, меѓу 15 и 24 години, тој процент се зголемува на 46 отсто. Резултатите покажуваат дека Европејците исто така се многу отворени за користење легални понуди на дигитална содржина. Повеќето или 80 отсто од испитаниците велат дека претпочитаат да ги купуваат тие производи од легални извори, а свесноста за правните онлајн понуди е исто така висока – девет од 10 луѓе се свесни барем за еден вид понуда на легална содржина достапна во нивната земја.
Според извештајот на Канцеларијата за интелектуална сопственост (ЕУИПО) за 2019 година, 6,8 отсто од увозот на ЕУ биле фалсификувани и пиратски стоки во вредност од 121 милијарда евра. Најчесто се фалсификуваат чевли, облека, кожени производи, часовници, но и парфеми, козметика, играчки и накит. Фармацевтските производи, храната, пијалаците и медицинската опрема сè повеќе се меѓу плагијатите, поради што властите уште тогаш предупредуваа дека може да има потенцијално сериозни ризици по безбедноста и здравјето.