Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во координација со СВР-Велес и Царинската управа, пред два дена успешно спречи меѓународен транспорт на наркотични дроги и заплени околу 67 килограми марихуана, со проценета вредност од околу 250.000 евра.
Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, по добиени информации за можен транспорт на наркотични дроги, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога се преземени интензивни мерки за проверка и анализа, при што е дојдено до информации и утврдување на идентитетот на лицето што е инволвирано во вршењето на транспортот.
– Веднаш по ова, координирани се полициски службеници од Отсекот за дрога при СВР-Велес, кои околу 15.30 часот, на наплатната станица Отовица, во правецот на Скопје, запреле возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј. (46) од Скопје. Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на граничниот премин Блаце, каде што од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче е извршен детален преглед и е откриен специјално направен простор-бункер во подот од возилото, вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана, во количество од околу 67 килограми – соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Таа додава дека лицето за паричен надомест од 2.500 евра требало со своето возило да ја транспортира дрогата од Република Албанија, преку територијата на нашата земја, до Република Турција како крајна дестинација. Вчера од страна на СВР-Велес до надлежното ОЈО-Велес беше поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по членот 215 од Кривичниот законик, а лицето беше спроведено пред судија на претходна постапка од Основниот суд во Велес.