Покривите на три куќи во Струмица на улицата „Крушевска Република“ целосно изгореа во пожар кој бил пријавен во 10:56 во ТППЕ Струмица, а две лица се повредени.
– Денеска во 10:56 часот на улица „Крушевска Република“, над Момин бунар, ТППЕ Струмица со пет противпожарни возила и 18 пожарникари-спасители интервенираше на гасење на запалени куќи. Опожарени се вкупно три куќи и причинета е значителна материјална штета. Во акцијата на гасење и спасување, пожарникарите од едната куќа успеаја да извлечат две постари лица кои беа повредени од пожарот и да ги предадат на екипите на брза помош – информираат од ТППЕ Струмица.
Пожарот е целосно ликвидиран, пожарникарите остануваат на локацијата на пожарот заради евентуално разгорување поради високите температури.
– Пожарот е локализиран за еден и пол час. Зафатени се две куќи чии кровни конструкции се паднати како последица од пожарот. Две лица се повредени и се пренесени на лекување во струмичката болница – изјави Гудев.
Причините за пожарот засега не се познати, а увид на местото на пожарот ќе извршат увидни екипи.