Фото: Игор Бансколиев

Основната цел на јавната расправа е да се даде конкретен придонес во градењето современа регулатива за модел на вештачење што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат судиите, јавните обвинители, адвокатите и граѓаните во целина

Во организација на Министерството за правда на РСМ и во соработка со Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје и Агенцијата за судски вештачења Скопје, на 21.2.2022 година, се организира јавната расправа „Нов закон за вештачење – нов модел на функционирање на системот на вештачење во Република Северна Македонија – предности и недостатоци“.
Модератор на настанот беше проф. д-р Атанас Козарев, кој ја истакна потребата од актуализирање на постојните повеќегодишни проблеми поврзани со нормативниот и институционалниот дизајн за системот на вештачење во нашата држава. Стратегиските определби за реформа на правосудниот систем се фокусирани кон целосна имплементација на европските вредности и стандарди во оваа област.
Основната цел на јавната расправа е да се даде конкретен придонес во градењето современа регулатива за модел на вештачење што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат судиите, јавните обвинители, адвокатите и граѓаните во целина.
Министерот за правда, проф. д-р Никола Тупанчески, најпрвин изрази голема благодарност до работната група, која изминатиот период активно се состануваше и работеше на подготвувањето на нацрт-текстот на Законот за вештачење.
Според министерот, досега тој беше менуван и дополнуван вкупно пет пати. Поради големиот број лоцирани слабости и недостатоци во актуелниот закон, се наметна потребата од зајакнување на функционалноста на системот за вештачење преку донесување нов закон, кој целосно ќе одговара на реформираниот правосуден систем.
Законот е целосно усогласен со мерките што произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022). Меѓу другото, со многубројните законски измени се изврши ревидирање на системот на судско вештачење преку допрецизирање на одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршење на дејноста вештачење и продолжување на лиценците, со оглед на тоа дека Комората на вештаци не беше во функција долг временски период.
На крајот изрази уверување дека донесувањето современ закон, кој ќе ги реши долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци, ќе придонесе за зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки.
Заменик-министерот Нухиу дополнил декa со новите законски измени досегашните нелогичности ќе бидат отстранети.

– За странско вештачење има случаи кога судиите покажуваат дилеми дали директно да применат странска експертиза или да побараат мислење или еквивалентност на странска експертиза. Во некои случаи, пак, одредени академски и научни експерти дале експертиза за одредена област, а потоа за други случаи од истата област ја одбиле поради некомпетентност. Поради ваквите ситуации, изработка на нов текст на Законот за вештачење беше повеќе од потребна – рекол Нухиу.
Другите учесници на расправата посветија внимание на потребата новите законски решенија да оневозможат монопол и влијание при определување на супервештачење во согласност со насоките на Европската комисија за ефикасно право што упатуваат на ставот дека вештаците мора да бидат независни како во својата работа, така и при нивниот избор во која било фаза од судската постапка. Јавната расправа ја оствари својата мисија и во наредниот период се очекува презентираните забелешки да бидат разгледани од работната група, за подобрување на квалитетот на предлог-законот. Со донесувањето на овој закон ќе се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе се придонесе за зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки.