Убиство и самоубиство се случило утринава во Демир Капија, ваквата вест ја потресе демиркаписката но и јавноста во Тиквешијата.
Видно потресен, градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров потврди за МИА дека се случил немил настан, но не знаеше да каже детали за случајот. Изрази жалење и очекува истрагата да покаже што точно се случило.
ОЈО Кавадарци се уште врши увид на лице место во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица.
– Се преземаат дејствија за испитување на настанот – информираа од Јавното обвинителство за МИА во врска со убиството и самоубиството.
Неофицијално, повозрасен човек пукал во соседот што живеел над него во зграда, на возраст од околу 34 години, па се самоубил. Наводно, причината била претходна расправија.
МВР потврди дека утрово се пронајдени две тела во нивните станови во зграда во Демир Капија.
-Денеска (16.5.2023) во 6.50 часот во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во нивните домови со прострелни рани биле пронајдени Б.М.(34) и М.К.(72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итна медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид -соопшти МВР.