Фото: МИА

Средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип вчера на социјалната мрежа Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Случајот го потврди СВР Штип од каде информираа дека тој е приведен.

– Полициски службеници од СВР- Штип го лишиле од слобода 18-годишен Б.Д.од Штип, бидејќи во 12.18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот – се вели во соопштението од СВР-Штип.

Директорот на училиштето Марјан Арсов денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето направиле разговор со ученикот и со неговите родители.

– Во текот на вчерашниот ден добивме дојава дека на социјалните медиуми од еден ученик има закана. Тоа кај нас го вклучи алармот и како директор и училиште ги презедовме сите мерки што ни се на располагање. Беше повикана целата служба и родителите на ученикот и се разговараше на таа тема – изјави Арсов.

Според Арсов, настава има во двете смени.

– Апелираме до родителите совесно да ги пуштат децата на училиште и дека се ќе биде во најдобар ред – рече Арсов.

Ова е прва ваква објава на социјалните мрежи од страна на ученик во Штип.