Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ризикот од сообраќајни повреди се зголемува со возраста, се потенцира во студијата на УДВ, експертска организација на Асоцијацијата на германски осигурителни компании (ГДВ). Според студијата, ризикот е до три и пол пати поголем за патници во автомобили на возраст над 50 години отколку за помлади луѓе.

Анализирајќи сообраќајни несреќи во Германија на возилата произведени по 2003 година, УДВ истражуваше како возраста, полот и висината на патниците влијаат на тежината на повредите во несреќите.

Иако автомобилите стануваат побезбедни и само околу 14 проценти од повредените патници на автомобили на возраст над педесет години имале умерени до критични повреди во 2023 година, тоа е сепак во бројки искажано околу 8.000 луѓе и затоа заслужува да се забележат некои трендови.

Имено, се чини дека безбедносните појаси и воздушните перничиња не се доволно развиени и не се идеални за повозрасната група на возачи. Според УДВ, ваквите безбедносни системи обично работат со максимален интензитет, без оглед на тежината на несреќата или возраста на патникот.

Притоа, при нивно активирање, се развиваат сили кои доведуваат до тешки повреди на градниот кош кај постарите лица, бидејќи коските се покревки, а мускулите послаби.

Адаптивните системи се многу подобри. Во зависност од сценариото на несреќата, тие користат само онолку сила колку што е потребна за заштита на патниците.

Исто така, куклите за тестови за несреќа, кои се користат повеќе од 30 години, не се прилагодени на конституцијата на постарите лица.

Според студијата на УДВ, локацијата на седиштата, големината на телото и големината на возилото исто така влијаат на последиците од несреќите: патниците во мали автомобили биле забележливо посериозно повредени отколку во поголемите, потешки возила.

Утврдено е и дека жените почесто седат во помали автомобили, а мажите почесто седат во поголеми автомобили. УДВ ги повикува производителите да ги направат малите автомобили побезбедни и да се подобри компатибилноста на поголемите возила.