Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Со скршеници и хематоми, вчера во охридската болница „Св. Еразмо“ било примено 16-месечно дете, а оттаму итно префрлено на Детска хирургија во Скопје, информираше денеска Министерството за внатрешни работи. Полицијата работи на работи на расчистување на случајот.

Кај детето биле констатирани тешки телесни повреди – хематом на главата, скршеници на градите и раката и други повреди по телото, а биле утврдени и постари хематоми.

Директорот „Св. Еразмо“, Ацо Велески, за „Макфакс“ вели дека детето е испратено на Детска хирургија во Скопје откако кај нив му била укажана помош и било дијагностицирано.

– Од она што утрово ми го реферираа колегите кои вчера го примиле 16-месечното дете, тоа имало фрактури на градите, хематом на главата и други повреди по телото. Му била укажана помош, било дијагностицирано и испратено на Детска хирургија во Скопје. Во нашата болница било донесено со Итна помош од Струга, а со истото возило било испратено и за Скопје – вели директорот Велески и додава дека кај нив нема податоци како е повредено детето.

Славица Литајковска, директорка на клиниката за детска хирургија за „Макфакс“ изјави дека 16-месечното дете е во стабилна состојба, но треба да биде оперирано и е ставено на програма за вторник.

– Детето е на интензивна нега на нашата клиника, во стабилна состојба. Има скршеница на левата надлактица и ставено е на програм за операција за утре. Има скршеници на градите и постојано ја следиме неговата состојба со контролни рендгени. Хематомот на главата не е единствен, при прегледите утврдивме и стари хематоми – вели директорката Литајковска.

На Клиниката за хирургија вчера биле мајката и таткото на детето, а денес за состојбата биле известени телефонски.

Стефан Димоски од СВР Охрид вели дека сè уште се прибираат информации за случајот. За случајот освен полицијата, алармирани се и социјалните служби, бидејќи не е исклучена можноста за семејно насилство.