Српската полиција уапси триесет и двегодишен маж, поради постоење основано сомнение дека фалсификувал и злоупотребувал платежни картички на родители на деца со посериозни заболувања, кои биле корисници на финансиската помош.
Тој на социјалните мрежи наоѓал профили на кои биле објавувани апели за повик за хуманитарна финансиска помош за деца со тешки заболувања од разни болести, а потоа, преку профилите на социјалните мрежи што биле под негова контрола, како и преку телефон, остварувал контакти со родителите на тие деца, пишува „Политика.рс“.
Осомничениот со лажни имиња се претставувал како сопственик на фирма, ги доведувал до заблуда дека сака да им помогне и да им уплати финансиски средства за лекување на нивните деца. Од родителите барал да ги фотографираат двете страни од картичките, кои потоа требало да му ги испратат преку Месинџер или Вибер.
Тој реализирал и други кривични дела на други граѓани, така што преку огласи за продажба на автомобили, земјоделски машини и производи, се јавувал и лажно се претставувал, доведувајќи ги во заблуда дека ќе ги купи огласените производи. Им кажувал дека сака да уплати депозит и барал од нив да ги фотографираат картичките и да му ги испратат.
Тој исто така ги злоупотребил податоците од картичките и си уплаќал пари. Тој исто така се претставувал и како адвокат или вработен во банка и на граѓаните им нудел поволни кредити, барајќи да му испратат фотографии од личните документи и платежните картички.