Откорната покривна конструкција на зграда, оштетен автомобил, падната бандера, искршени гранки…, е само дел од штетата предизвикана од силниот ветер што попладнево го зафати Охрид.

Дел од покривната конструкција од зграда на улицата „Галичица“ паднала на паркинг и според жителите оштетила еден автомобил.

Од Територијалната противпожарна единица од Охрид за МИА потврдија дека интервенирале на покрив на улицата „Галичица“, бил отстранет разурнатиот дел поради безбедносни причини, а на терен биле и екипи на јавното претпријатие „Комуналец“.

– Регионалниот центар за управување со кризи Охрид извести дека на 195 од граѓани добиле дојава дека поради силен ветар дел од покрив на зграда на улицата „Галичица“ се срушил (летнал), за што била известена Територијалната противпожарна единица – Охрид и општина Охрид. Има и јавување од граѓанин дека е откорнат лим од ограда што ја оштетил фасадата на објект во близина, по што е постапено – информираа за МИА од Центарот за управување со кризи.

Од силниот ветер паднала и бандера на улицата „Ристо Чадо“ и дрва во близина на Општата болница и над Свети Јован Канео.