Фото: Судски совет

Кумановското обвинителство заедно со вешти лица, кримтехника ќе ги истражува причините за настанување на пожарот во Основниот суд Куманово, информираше денеска шефицата на обвинителството, обвинителката Теута Бедиу Рамадани.

– Сè уште чади и нема услови да се изврши увид. Првично се сомневаме на електрична инсталација, но увидот ќе покаже кои се причините. Ова е постара зграда. На терен сме веднаш по добиената информација и јас и дежурниот обвинител, заедно со претставници од судот од почетокот на избувнување на пожарот. Пожарникарите уште работат. Со екипа на СВР ќе направиме и увид, ќе повикаме и вешти лица, ако е потребно ќе повикаме и други обвинители – вели Бедиу Рамадани.

Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев, рано утрово го посети Основниот суд во Куманово, каде ноќеска околу 2 часот по полноќ избил пожар.

– Во разговор со ВД претседателот на кумановскиот суд Снежана Манев, Георгиев беше информиран дека пожарот бил регистриран во подрумскиот дел во една од просториите каде што се наоѓа архивата со стари предмети – се вели во соопштението од Судски совет.

Георгиев, како што информираат од Судски совет, изразил надеж дека последиците од пожарот што поскоро ќе бидат санирани, а криминалистичките вештачења и преземените истражни дејствија завршени во најкус можен рок, за да се откријат причините за несреќата и обемот на направената штета.

Од Судски совет, посочуваат дека Георгиев е во постојана комуникација со в.д. претседателката и пожарникарните служби, на кои им понуди дополнително ангажирање и на други служби, со цел успешно да се изгасне пожарот.

Кумановското обвинителство е во истата зграда со судот. Пред неколку години со средства од ИПА беа реконструирани просториите. Од обвинителството велат дека лифтот кој е изграден и наменет за лица со попреченост не е зафатен, меѓутоа од едната страна има дим.

Од кумановската полиција информираат дека од почетокот се на терен.

– Денеска во 1.45 часот во СВР Куманово било пријавено дека настанал пожар во зграда на Основен суд Куманово. Известена е противпожарна екипа која работи на гаснење на пожарот засега нема пријава за повредени лица. Увид ќе биде извршен кога ќе биде изгаснат пожарот – изјави Ивана Младеновска портпарол на СВР Куманово.

Пожарот во подрумските простории на судот изби утрово во 1.35 часот. На терен се уште се противпожарни екипи од кумановската противпожарна единица.