Роднини на загинатите и преживеаните во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија, во ноември, пред Окружниот суд во Перник побараа паралелна истрага за несреќата, јави „БНТ“, а пренесе МИА.
Во Окружниот суд во Перник е поднесен предметот за обезбедување на доказите, при што експертите повторно ќе ги испитуваат свиоците, ознаките, патната инфраструктура.
Собирањето докази за тешката сообраќајна несреќа е завршено, со што истрагата е при крај. Собрани се огромен број докази неопходни за расветлување на објективната вистина, изјави Сијка Милева, портпаролката на главниот бугарски обвинител, за „БТА“.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, роднините бараат и повеќе информации за накитот кој го имале жртвите во изгорениот автобус на „Беса транс“, чекајќи ги предметите кои биле во сопственост на нивните најблиски, а кои биле сочувани во несреќата.