Полицијата денеска приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.

Како што соопшти МВР, полициски службеници од СВР Охрид во рамки на преземените мерки и активности во координација со охридското ОЈО за расчистување на случајот со физички напад врз 21-годишниот охриѓанец Х.П., ги привеле С.К., С.К. и И.С. од Охрид.

Претходно, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски за МИА изјави дека синоќа околу 22.30 часот во полицијата било пријавено дека тројцата приведени прво во, а потоа и надвор од посочениот угостителски објект, физички го нападнеле Х.П., кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во охридската Општа болница, каде му била укажана лекарска помош.

Како што дознава МИА од извори во истрагата, против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ според член 215 од Кривичниот законик.

– СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П. (22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин, се наведува во соопштение на СВР Охрид од 17 декември.

Како што претходно објавиja медиумите, синоќешниот инцидент во Охрид најверојатно претставува дилерско-криминална пресметка. Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22.30 часот веднаш што во угостителскиот објект влегле тројцата денеска приведени, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и го натепале, при што му биле скршена вилицата.

Очевидците посочуваат дека при вербалната расправија меѓу четворицата во ниту еден момент не станало збор за политика, за бугарски или македонски идентитет и јазик или за говор на омраза на таа тема. Инаку, полицијата и за тројцата приведени има досиеја дека во повеќе наврати се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир.

Во меѓу време, бТВ повикувајќи се на Амбасадата на Бугарија во Скопје, јави дека бугарската Влада почнала „акција за евакуација на Христијан Пендиков“, кој синоќа беше повреден при напад од три лица во Охрид и за таа цел во земјава бил испратен авион од типот „Фалкон“, заедно со екипа на Воено-медицинската академија составена од двајца лекари и медицинска сестра. Се очекува авионот да пристигне во Бугарија околу 19.30 часот по локално време.