фото: Пекселс

Приведени се по еден жител од Скопје и од Струга во текот на вчерашниот ден затоа што биле инволвирани во извршување на кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

– Во текот на вчерашниот ден  (28.09.2022) од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за Криминалистичка полиција во соработка со Специјалната антитерористичка единица Тигар, СВР Битола, СВР Скопје и ОВР Струга беа преземени низа мерки и активности и притоа во Скопје е лишен од слобода А.А. (37) од Скопје, а во Ресен е лишен од слобода Л.Г. (28) од Струга, по обезбедени материјални докази дека се инволвирани во извршување на кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено по чл. 215 од Кривичниот законик – информираа денеска од МВР.

Оттаму велат дека при приведувањето, стружанецот Л.Г., кој претходно е осуден за нелегална трговија со дрога и требало да биде во казнено-поправна установа, се обидел да избега и оштетил две службени возила, а повредени се двајца полициски службеници, со што извршил и кривично дело „напад на службени лица при вршење на работи од безбедноста“.

Според МВР, скопјанецот и стружанецот заедно со Б.П. (36) и С.Д. (кои се претходно приведени и одредена им е мерка притвор) договориле купопродажба на 490 грама марихуана, која ја извршиле на 14 септември во близина на Катлановска бања. Истиот ден, полициски службеници на наплатната станица Сопот сопреле возило „фиат пунто“, управувано од С.Д. при што во возилото е пронајдена дрогата.

Против лицата е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје поради извршено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.