Фото: Полиција на Албанија

Во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случила во Албанија животот го загубило осумгодишно дете од Македонија, а пет лица се повредени.

– Сообраќајната несреќа се случила на патниот правец Елбасан-Пеќин, кај селото Паулеш. Во несреќата учествувал автомобил марка „голф” со гостиварски регистарски таблички управуван од македонската државјанка Т.Б. кој се движел од Елбасан кон Пеќин и автомобил управуван од А.Х. жител на албанскиот град Каваја – пренесуваат медиумите.

Повикувајќи се на полициски извори медиумите објавуваат дека Т.Б. изгубила контрола врз возилото, удрила во другото возило и завршило на браниците на патот.

Во несреќата со повреди се здобила мајката на починатото дете Т.Б. и нејзината 11- годишна ќерка, како и А.Х. и две лица кои биле во неговиот автомобил. Транспортирани се во регионалната болница во Елбасан и според последните информации се вон животна опасност.

Причина за несреќата е влажниот коловоз и неприлагодена брзина на движење на автомобилот со македонски ознаки. Според медиумите местото каде што се случила несреќата е една од неколкуте црни точки на оваа делница.

Министерството за надворешни работи информира дека денеска на магистралниот пат Елбасан-Пеќин во Албанија, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која загинало осумгодишно дете, A. K. од Гостивар, државјанин на Македонија, додека двајца сопатници, T. Б. и Р.К. се вон животна опасност и на лекување во локалната болница во Ељбасан.

Амбасадата на Македонија во Тирана, како што е наведено во соопштението од МНР, е во комуникација со надлежните институции на Албанија и семејството на починатото дете и се ставени на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Албанија.

– Исто така информираме дека на располагање се дежурните телефони на Амбасадата на Македонија во Тирана +355689019198 и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи 075 273 732 – стои во соопштението од МНР.