Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за „помагање на сторител по извршено кривично дело“ согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик.
-Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија – соопшти ОЈО.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, се вели во соопштението, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.
-Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела – појаснуваат од ОЈО.
З.Д. вработен во Народна банка, вчера беше приведен поради сомнение дека го презел и го уништил ранецот во кој, според наводите на обвинетиот Велибор Манев, било сокриено огненото оружје со кое биле убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.