Одбраната на обвинетите за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот најави жалба за пресудата со која на обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска во Основниот кривичен суд Скопје денеска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.
Адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Костовски рече дека ќе ја обжалат пресудата по однос на основата и висината.
Бранителот на обвинетата Левковска, адвокатот Емил Гугутчевски рече дека определената казна е превисока.
– Пресудата ќе биде обжалена во секој случај. Превисока е определената казна. Сметаме дека спрема нашата обвинета Клементина во никој случај не постои ова кривично дело убиство. Да, има преземено определени дејствија, удар. Меѓутоа, од нејзиниот удар нема настанато смрт во никој случај – рече тој.
Иле Танев, адвокат и бранител на обвинетиот Ѓорѓиевски, исто така, смета дека казната е превисока.
– Уште сега најавуваме жалба. Мислам дека пресудата е драконска, казната превисока. Мислам дека една трагедија не се решава со друга трагедија. Ова за нас претставува голема неправда, но, не можам да ви кажам на околности на кои ќе поднесеме жалба затоа што треба да ја добиеме во писмена форма. Веројатно ќе биде во делот на правната квалификација, како што најавивме уште од почетокот – рече тој.
Според него, не постои ни најмал сомнеж дека постои умисла кај обвинетите.
Обвинителката Тања Трајчевска, застапник на обвинението, рече дека ќе се воздржат од коментари до добивање на пресудата во писмена форма.
– Денеска ја слушнавме пресудата, сè додека не добиеме писмена форма на пресудата, ќе се воздржиме од коментари во однос на истата. Казната е во рамки на законски предвидената казна, така што, тоа е одлука на судот. Фактите правилно се оценети – рече таа.
Судечкиот совет на чело со судијката Елена Илиевска Јосифовиќ до правосилноста на пресудата ја продолжи мерката притвор на обвинетите.
Во овој процес, Основното јавно обвинителство – Скопје ги гони обвинетите за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Се изведоа материјални докази помеѓу кои беа и видео-снимката од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот како и вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.
Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство“ за кое се обвинети обвинетите, недостасува умислата. Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
По завршувањето на доказната постапка, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна, додека, одбраната и обвинетите, ослободителна пресуда.