Во силното невреме со дожд кое попладнево го зафати Велес, гром удри во зграда на ул. „Никола Карев“ бр. 3 наспроти ООУ „Васил Главинов“. Од громот се запали и изгоре стан во поткровје и покрај брзата интервенција на пожарникарите од ТППЕ од Велес. Станарите од станот што се запалил не биле дома и нема повредени лица.
– Четворица соседи, од кои две жени и двајца мажи побарале помош од екипата на Итната медицинска помош која дошла на настанот во 14,40 часот. Од нив двајцата мажи, постар татко и син побарале медицинска помош поради зголемен крвен притисок и видна вознемиреност од настанот, а по укажаната прва помош на лице место од екипата на Прва помош тие со возило на Итна помош биле однесени на реанимација во велешката Општа болница – информира за МИА, д-р Василка Пановска Поп Стефанова началник на Брза помош која била на местото на настанот.
Како што информираат за МИА од ТППЕ од Велес тие да интервенираат биле повикани во 14,25 часот и на местото на пожарот се упатиле со 12 пожарникари и три противпожарни возила. Пожарот бил локализиран во 15,40 часот, а целосно изгаснат во 16,30 часот.