Фото: Панче Тошковски/Фејсбук

Нема повредени лица во пожарот што избувна денеска во автобус на ЈСП „Скопје“  без патници, кој сообраќал на Средно Водно.

Пожарот е изгаснат со интервенција на две возила и седум пожарникари од  Скопската бригада за противпожарна заштита.

– Благодание на брзата реакција и присебноста на возачот кој го паркирал на соодветно место, пожарот не се проширил во околината –  изјави за МИА Ѕвонко Томевски, командир на Противпожарната бригада на Град Скопје.

Надлежните служби на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги спроведуваат сите неопходни проверки и ќе биде утврдена точната причина за пожарот.

– По повод информациите дека автобус на ЈСП Скопје, кој сообраќал на линијата број 25 кон Водно, бил зафатен од пожар, ја информираме јавноста дека нема повредени лица. Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот реагирал брзо, присебно и одговорно. Веднаш ги презел сите неопходни мерки и со својата навремена реакција спречил многу посериозни последици, поголема материјална штета и проширување на огнот кон околниот простор. Изразуваме искрена благодарност до возачот за покажаната храброст, смиреност и професионалност. Безбедноста на патниците е и секогаш ќе биде наш највисок приоритет. Нема поважна обврска од грижата за човечкиот живот и затоа секој ваков настан го третираме со највисоко ниво на сериозност и одговорност. Ја информираме јавноста и дека пожарот не ја зафатил парк-шумата „Водно“ и дека е спречена опасноста од негово ширење. Надлежните служби веќе ги спроведуваат сите неопходни проверки. Ќе биде утврдена точната причина за пожарот, а јавноста навремено и целосно ќе биде информирана – соопшти ЈСП „Скопје“.